Оклахома сити тандер се избори за место во финалето на Западната конференција, елиминирајќи го тимот на Денвер нагетс во мајсторката. Шај Гилџес-Александер и неговите соиграчи ја совладаа екипата на Никола Јокиќ без многу мака, и заслужено се меѓу четирите најдобри тима оваа сезона.
На Западот, Оклахома ќе се соочи со Минесота тимбервулвс, додека на Истокот во финалето ќе играат Индијана пејсерс и Њујорк никс.
Без разлика кој ќе го освои шампионскиот прстен оваа сезона, НБА ќе добие нов првак – седми различен шампион во последните седум години! Тоа е нешто што никогаш досега не се случило во историјата на најсилната кошаркарска лига во светот.
Серијата започна во 2019 година со титулата на Торонто репторс, по што следеа ЛА лејкерс (2020), Милвоки бакс (2021), Голден Стејт вориорс (2022), Денвер нагетс (2023), а минатата сезона шампиони станаа Бостон селтикс. Оваа пролет, нов тим ќе се запише во историјата.
Со ова се надминува претходниот рекорд поставен меѓу 1975 и 1980 година, кога шест различни екипи се искачуваа на врвот: Голден Стејт (1975), Бостон (1976), Портланд (1977), Вашингтон (1978), Сиетл (1979) и Лејкерс (1980).
Сега е време за нов шампион и ново име на тронот, за нова историја.