Четвриот тенисер на АТП ранг-листата и четврти носител на Вимблдон, Каспер Руд, испадна во второто коло на најпрестижниот гренслем-турнир. Руд кого новинарите го гледаа како противник на Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Вимблдон, се сопна уште на втората препрека наречена Лијам Броди.
Англискиот тенисер славеше во пет сета, и тоа со 6:4,3:6,4:6,6:3,6:0. Руд водеше со 2-1 во сетови и имаше сè во своите раце, но буквално застана да игра во последните два сета освојувајќи само три гема и на крајот загуби од 142-риот тенисер на светот. Следен противник на Броди ќе му биде Канаѓанецот Денис Шаповалов.
Таков кикс не дозволи седмиот носител на Вимблдон, Андреј Рубљов, кој го загуби првиот сет против сонародникот Аслан Карацев. Рубљов првиот сет го загуби во тај-брејкот, но потоа заигра многу подобро и славеше во наредните три со 6:3,6:4,7:5 и си обезбеди пласман во третото коло, каде што ќе го очекува подобриот од дуелот меѓу Томаш Бариос Вера – Давид Гофан.
Сигурен настап имаше Александер Зверев, кој во три сета (6:4,7:6,7:6) го совлада Холанѓанецо Броуер, потоа Николас Жари, кој со 3-1 во сетови го совлада Марко Чечинато, а триумф во четири сета оствари и Матео Беретини над сонародникот Лоренцо Сонего.
Кај дамите, пласман во следната рунда обезбедија Елина Свитолина, која беше подобра од Белгијката Мертенс со 2-1, Петра Мартиќ исто така со 2-1 славеше над Пари од Франција, додека убедливи беа Викторија Азаренка и Лесија Цуренко против Подороска, односно Синијакова.