-0.2 C
Skopje
сабота, 20 декември 2025

Елкан Мамадов, еден од најблиските соработници на Џани Инфантино во посета на ФФМ: Импресивно е што ФФМ постигна за само една година

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и претседателот Масар Омерагиќ, денеска во „Куќа на фудбалот“ беа домаќини на Елкан Мамадов, директор за асоцијации и развој во ФИФА и еден од најблиските соработници на претседателот Џани Инфантино.

Во рамки на посетата, високиот претставник на ФИФА, оствари работна средба со претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ и генералниот секретар, Леонид Јандреоски, на која разговараа за актуелните активности на Федерацијата, стратешките приоритети за развој на нашиот фудбал, како и тековната и идната поддршка од Светската фудбалска Асоцијација.

Разговорите беа фокусирани на унапредување на развојните програми, инфраструктурните проекти и зајакнувањето на системот на националните селекции. Посебен акцент беше ставен на важноста од добро управување, транспарентност и долгорочна визија како основа за одржлив развој на фудбалот.

Претседателот Омерагиќ ја истакна благодарноста за континуираната поддршка од ФИФА и нагласи дека ФФМ останува целосно посветена на реформите и проектите кои придонесуваат за напредок на македонскиот фудбал на сите нивоа.

Посетата на Елкан Мамадов на нашата федерација, претставува силна потврда за одличната соработка што Фудбалската федерација на Македонија ја има со ФИФА. Поддршката што ја добиваме е исклучително значајна за реализација на нашите стратешки цели, особено во делот на инфраструктурата и зајакнувањето на националните селекции. Во таа насока, во тек се разговори и за организирање посета на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во првата половина на 2026 година. Остануваме целосно посветени на принципите кои се исклучително битни за ФИФА, транспарентност и долгорочен развој на македонскиот фудбал на сите нивоа“.

Во рамки на посетата на „Куќа на фудбалот“ и средбата со раководството на ФФМ, директорот за асоцијации и развој во ФИФА, Елкан Мамедов, го истакна напредокот што Фудбалската федерација на Македонија го оствари во изминатиот период под водство на Омерагиќ.

„Импресивно е сето она што Фудбалската федерација на Македонија, под водство на претседателот Масар Омерагиќ, го реализираше во период од само една година. Во Доха, на заеднички состанок со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, веќе се разговараше за поддршката од ФИФА за клучни проекти кои имаат суштинско значење за понатамошниот развој на македонскиот фудбал“.

Посетата на Елкан Мамадов претставува уште една потврда за добрата соработка и силното партнерство помеѓу ФИФА и Фудбалската федерација на Македонија.

- Оглас -

Најнови вести