Игор Ангеловски вели дека нема да отстапи од својот концепт и Македонија ќе игра на победа и против Австрија, како што тоа го правеше и досега во сите квалификациски циклуси под негова команда и во натпреварите од Лигата на Нации.
Голем проблем за него е што Висар Муслиу нема да игра против Австрија поради црвениот картон што го доби со Полска, а мали се шансите да настапи и Елиф Елмас.
„Елмас има оток на скочниот зглоб и шансите да игра се 30 проценти. Стефан Ристовски ќе игра сигурно“, вели селекторот на Македонија.
Сепак и со проблемите и без нив против Австрија мора да се оди на победа, ако Македонија сака да остане во игра за пласман на ЕП 2020 година. Поразот од Полска е болен, но нема време за тага, бидејќи веќе утре не чека нов тежок предизвик, да се надигра и победи одличната селекција на Австрија.
„Задоволен сум од настапот против Полска на сите репрезентативци. Дадоа се од себе за да и се спротивстават на Полска и тоа го сторија храбро, за жал со епилог несреќен пораз. Австрија игра во бундеслигашки стил, цврсто дисциплинирано и е одлична селекција. Сите играчи се на работ на издржливост не само во нашиот табор. Има информации дека и Австријците нема да бидат комплетни, но секој со свои проблеми ќе тргне утре од 20.45 часот кон успешен настап. Ќе играме како и досега храбро, офанзивно и се надевам дека ќе се радуваме на добар резултат“, рече Ангеловски.
Мечот се игра утре од 20.45 часот во Скопје.