Елиф Елмас пристигна во новиот клуб Лајпциг и веќе го одработи првиот тренинг. На преставувањето тој потенцира дека има 24 години и дека доаѓа од Македонија, а потоа зборуваше и за неговите очекувања во Лајпциг.
„Сѐ се случи многу бргу. Среќен сум овде, знам дека дојдов во добар и квалитетен тим. Ова е голем предизвик за мене. Засега сум задоволен како се одвиваат работите. Лајпциг е голем клуб во Германија. Ми се допаѓа како работат со младите играчи. Имам 24 години, млад сум и сакам да напредувам, Лајпциг е вистинското место за тоа“, беше првиот впечаток на Елмас, кој е заедно со тимот на подготовки во Шпанија.
https://twitter.com/i/status/1742975660228792730
„ Со моето семејство ќе се преселам во Лајпциг. Со мене ќе дојдат и моите родители и браќата и сестрите. Мојот соиграч во Наполи, Диего Деме, долго време играше за РБЛ и добро го познава градот. Од него добив неколку совети. Сакам да научам германски што е можно побрзо. Мислам дека е навистина важно да можам да го зборувам јазикот бидејќи ќе можам поефективно да комуницирам со моите соиграчи. Дајте ми четири или пет месеци за да се снајдам, потоа ќе го видите вистинскиот Елмас“, беше пораката на Елмас, кој додаде дека сака да игра на позиција „десетка“, но дека може без проблем да игра на кој било дел од средната на теренот.
Елмас во Лајпциг дојде по четири и пол години поминати во Наполи, тимот со којшто ја освои и титулата во Серија А.