Елиф Елмас беше стартер и одигра 85 минути за Наполи во победата на тешкото гостување кај Сасуоло. Иако Сасуоло беше во добра форма и во изминативе 20-тина дена ги победи Милан и Аталанта, против Наполи не можеше да парира.
Со два гола уште во првото полувреме, Наполи покажа дека е решен сезонава да ја освои титулата во Серија А, која навивачите од Неапол ја чекаат повеќе од три децении. Кога се зборува за тиутлата, Елмас вели дека треба уште многу да се игра и уште не размислува за тоа.
„Има уште многу натпревари до крајот на првенството. Среќни сме што го победивме Сасуоло на теренот на кој лани водевме со 2:0, а на крајот освоивме само еден бод. Завршивме голема работа со освојување на овие три бода. Задоволен сум од мојот настап и се надевам дека ја стекнав довербата кај тренерот за да ме става почесто во стартниот состав. Ми оди добро, чувствувам дека сум во одлична форма и се обидувам да му помогнам на тимот“, рече Елмас по победата над Сасуоло.
Горан Пандев засега е единствен македонски фудбалер кој се радувал на титула во Серија А и тоа како фудбалер на Интер.