Елмас го загрозува Несторовски по број на голови во Серија А, може ли да го престигне?

Голот кој синоќа го постигна против Јувентус, за Елиф Елмас е петти негов сезонава во италијанската Серија А, со што Дијамантот ја има својата најефикасна сезона во дресот на Наполи.

Елмас има нагорна линија според ефикасноста. Во првата сезона во Наполи даде еден  гол, во наредната даде два, во минатата сезона три, сега е на пет и тоа на само 17 одиграни меча.

Со 11 голови во Серија А, Елмас е трети најефикасен Македонец во историјата. Прв и уште долго ќе биде недофатлив Горан Пандев кој во италијанската лига даде 101 гол, а второто место го држи Илија Несторовски со 18 голови, од кои 11 му беа за Палермо, а седум за Удинезе.

Несторовски е во надолна линија, сезонава и минатата има само по еден гол, претходно беше за нијанса поефикасен, а играше и повеќе. Засега тој го чува второто место меѓу нашите голгетери во Италија, може својот биланс и да го подобри, но Елмас како игра сезонава, може сериозно да му се доближи.

- Оглас -

Најнови вести