Македонскиот репрезентативен фудбалер Елиф Елмас го заврши своето летување во Грција и денеска пристигна во Истанбул за да се приклучи на тренинзите на Фенербахче. На аеродромот во најголемиот турски град тој се фотографираше со многу фанови на Фенербахче, а потоа даде изјава за медиумите во која кажа дека не знае за никаков трансфер, иако деновиве е актуелен неговиот можен премин во Наполи, за којшто се зборува дека е завршена работата.
„Не знам ништо за мој трансфер. Дојдов во Истанбул за да се приклучам на подготовките на Фенербахче“, рече дијамантот.
Можеби од Фенер денеска ќе ги известат дека ја прифатиле понудата на Наполи и ќе остане тој да ги договори личните услови за трансферот во калчолигашот да стане официјален.
Во Фенербахче не спијат, сакаат да се засилат за претстојната сезона, а главна цел им е Месут Озил. Турскиот Германец летово се ожени и можеби ќе сака да игра и да живее во земјата каде што се чувствува како дома. Негов кум на свадбата беше претседателот Реџеп Таип Ердоган, кој исто така е поддржувач на Фенер.