Елиф Елмас е фудбалерот по кој можеби најмногу жалевме што го немавме на дуелот против Итлија. Играчот на Наполи ја одлежа суспензијата од еден меч и сега се враќа во најдобар момент. Елмас ќе игра против Португалија и најавува борба до последниот атом од силите.
„Ова сигурно ќе биде еден од најтешките мечеви за сите играчи. Сега сме на 90 минути да го исполниме сонот што сме го имале од деца, но и сонот на целата нација. Оваа шанса не смееме да ја пропуштиме. Треба да изгинеме и да успееме да стигнеме до Катар“, вели Елмас.
Токму Елмас ќе биде еден од оние фудбалери кои ќе води голема битка на средината од теренот со технички моќно подготовените Португалци.
„Ова ќе биде поразличен меч од тој со Италија, затоа што Португалија индивидуално е поквалитетна од Италија. Ова е финале знаат дека не смеат да нè потценат, а би сакал да нè потценат. Само 90 минути и двете селекции сме од пласман на СП“, рече Елмас по денешниот последен тренинг пред патот за Португалија.