Македонскиот бисер Елиф Елмас полека се навикнува на животот во Неапол, а тренерот Карло Анчелоти доби уште едно екстра засилување во пресрет на новата сезона. Осигурени се услугите на Ирвин Лозано од ПСВ Ајндховен за вкупна сума од 50 милиони евра, но претседателот Де Лаурентис подготвува шлаг на тортата во финишот на летниот преоден рок.
Како што известуваат одредени италијански медиуми, Наполи испратил официјална понуда од 70 милиони евра до Интер за услугите на Мауро Икарди. Клубот од Неапол наводно има намера да го направи Аргентинецот најплатен клупски фудбалер, нудејќи му годишна плата од девет милиони евра.
Додека се чека одговор, Нераѕурите немаат многу време за размислување бидејќи добија ултиматум од Наполи да одговорат во најскоро време. Доколку гигантот од Милано одлучи дека 70 милиони евра се малку, Наполи ќе се пушти во потрага по алтернатива бидејќи немаат намера да ја зголемат сумата.