Елиф Елмас цели четири месеци чекаше да може да одигра комплетни 90 минути за Наполи и во последните 10 дена, два пати беше стартер и го одигра целиот меч. Токму на тие две средби Елмас блескаше за Наполи.
Нашиот репрезентативец најпрво даде гол во победата од 2:1 на гости кај Аталанта, а синоќа блесна на домашен терен против Удинезе. Елмас прво асистираше за голот на Виктор Осимен, а потоа и самиот се запиша во листата на стрелци во триумфот од 3:2.
По извештаите од весниците во Неапол, Елмас, заедно со Осимен се најдобро оценетите фудбалери во дуелот против Удинезе. Овие двајца кои се покажуваат како одличен тандем, добија оценка осум за својата игра против гостите од Удине.
„Видов дека Ангуиса тргна во напад и знаев дека ако истрчам напред, ќе ми ја подаде топката. Мило ми е што успеав да дадам гол. Веднаш се стрчав кон навивачите затоа што тоа многу ми значи, а знам дека им значи и на фановите“, рече Елмас по победата над Удинезе, додавајќи дека конкуренцијата што ја има во тимот со Квара е одлично за него и за целиот тим.