Елиф Елмас влезе во 83 минута и ги одигра последните 10-тина минути за Наполи во победата на гостувањето кај Болоња од 1:0. Тоа што е уште поважно е дека Елмас и останатите репрезентативци кои играат за Наполи, добиле зелено светло да се приклучат на националните селекции за претстојните дуели.
Македонија в четврток треба да игра на гости против Грузија во мечот кој треба да одлучи која од овие две селекции ќе се пласира на Европското првенство. Освен Елмас, од Италија ги очекуваме во репрезентативниот дрес да се појават и капитенот Горан Пандев и Илија Несторовски од Удинезе.
Наполи со победата против Болоња, се искачи на третото место на табелата со 14 бодови, еден помалку од Сасуоло и два помалку од Милан, кој вечерва на свој терен игра против Верона.