Елмас: Подготвен сум, Гатузо ми вели дека сум како животно, не бегам од ништо

Македонскиот фудбалски дијамант Елиф Елмас е подготвен повторно да се врати во стартниот тим на Наполи, и тоа на дуелот против Риека во рамките од третото коло во Лигата на Европа. Елмас имаше неочекувана пауза речиси од еден месец откако беше тестиран позитивен на корона-вирусот.

На дуелот против Сасуоло, Елмас ги одигра последните 20 минути, а сега е подготвен да помине и 90 минути на теренот во Риека.

„Добро сум, периодов тренирав само во домашни услови и ќе видиме каков ќе бидам на теренот.Ова ми е втора сезона во Наполи и се надевам дека ќе бидам подобар. Со тимот имаме зацртано важни цели, а за моите индивидуални цели не сакам да зборувам, уште сум млад. Само сакам напорно да работам и да размислувам за секој следен натпревар“, вели Елмас во пресрет на дуелот со Риека.

По првите две кола, Наполи има три бода, додека Риека е последна без бодови, па ако хрватскиот тим загуби и вечерва, тогаш дефинитивно ќе се прости од шансите за трката на едно од првите две места во групата. Тренерот на Наполи, Џенаро Гатузо, вечерва треба да му даде шанса на Елмас да биде стартер.

„Ништо посебно не ни рече Гатузо пред овој меч. Мене секогаш ми кажува дека сум како животно, во смисла голем борец кој не бега од ништо. Тој е специфична личност и ми се допаѓа како работи со мене“, додаде Елмас во пресрет на денешниот дуел.

 

- Оглас -

Најнови вести