Наполи само пред неколку дена беше изненаден и на свој терен загуби од Лече со 2:3 во дуел од Серија А. На таа средба во составот на Наполитанците го немаше Елиф Елмас, кој мораше да ја одлежи суспензијата поради натрупани жолти картони.
Елмас се врати во тимот, и тоа како стартер на синоќешниот дуел против Интер на „Сан Сиро“, а Наполи одигра многу подобро. Гостите од југот на Италија одиграа квалитетен меч и целосно ги неутрализираа нападите на лидерот во Серија А. Освен што добро се бранеше, Наполи успеа да даде и гол преку Фабијан Руиз и да се стекне со одлична предност пред реваншот во Неапол.
По завршување на мечот, Руиз беше избран за играч на мечот и беше единствен со оценка 7, додека Елмас, кој го одигра целиот меч, на крајот беше оценет со 6,5, што покажива дека повторно бил меѓу еден од подобрите на теренот и во изборот на италијанските новинари.
И Џенаро Гатузо, тренерот на Наполи, конечно сфати дека Елмас дава сигурност во тимот и создава дополнителна опасност пред противничкиот гол, па во последните неколку меча му дава многу повеќе шанса за игра на нашиот репрезентативец.