Елмас првпат играше на новата позиција: „Мислам дека бев добар“

Екипата на Наполи загуби со 1-0 на првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите од Милан на гостински терен. Нашиот репрезентативец Елиф Елмас имаше нова улога во тимот откако натпреварот го започна од првата минута.

Елмас играше „лажна деветка“, доби пофалби од сите за неговата игра, но и тој самиот е задоволен.

„Првпат играв на оваа позиција и мислам дека беше добро. Одигравме добар натпревар, но, сепак, имаме негатива и ќе треба да играме вака, а и уште подобро на реваншот пред нашите гледачи. Знаевме дека нѐ очекува тежок меч против Милан, тие сепак се актуелни италијански прваци“.

Македонскиот репрезентативец се осврна и на натпреварот со Милан, но и очекувањата од реваншот.

„Имавме шанси, но не постигнавме погодок. Мислам дека тренерот Спалети ќе смисли нешто добро за реваншот. Навистина не знам што би кажал за судењето. Сите фудбалери на Наполи добија жолти картони, Ангиса беше исклучен, а за исти стартови домаќинот не беше санкциониран. Но, наше е да гледаме како ние играме и ќе се фокусираме на тоа. Сега нѐ очекува меч во Серија А, а потоа и реваншот со Милан во Неапол“.

- Оглас -

Најнови вести