Наполи успешно ја започна 28-та рунда во Серија А, откако на домашен терен го совлада Торино со 2-1. Во победата на тимот од Неапол се истакна и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, кој го постигна својот прв гол оваа сезона во италијанското првенство.
Домашниот тим уште од самиот почеток ја презеде контролата врз играта и со висок посед на топката постојано бараше начин да ја пробие одбраната на гостите. Наполи поведе уште во седмата минута, кога Алисон Сантос најдобро се снајде во шеснаесетникот и ја испрати топката зад грбот на противничкиот голман за 1-0.
По водечкиот погодок, наполитанците продолжија со притисокот и создадоа неколку опасни ситуации. Најблиску до втор гол беше Расмус Хојлунд, чиј удар од левата страна на шеснаесетникот мина покрај стативата. Торино се обидуваше да возврати преку брзи контранапади, но ретко успеваше да дојде до посериозна завршница.
Во 68-та минута Елиф Елмас со атрактивен волеј, по асистенцијата на Матео Политано, ја затресе мрежата на гостите за 2-0.
Во составот на Наполи по подолга пауза се врати и искусниот Кевин Де Бројне, а Торино успеа само да го ублажи поразот. Чезаре Касадеи во 87-та минута го постигна почесниот гол за конечни 2-1.

