Елиф Елмас беше стрелец на првиот гол за Македонија во дуелот против Малта, со кој беше скршен бункерот на противникот. Ѕвездата од Наполи вели дека на секој меч, без разлика дали е пријателски или квалификациски, желбата е да се победи. Тој најави дека во следните мечеви ќе се обиде повеќе да шутира, затоа што евидентно беше дека на дуелот против Малта, во неколку ситуации недостасуваше шутот во завршницата.
„Секогаш го даваме најдоброто кога играме за репрезентација. Против Малта најважно ни беше да започнеме во квалификациите со три бода и тоа го остваривме. И утре против Фарски острови да го дадеме максимумот. Секогаш кога доаѓам за репрезентација го давам максимумот. Најважно е да го одиграме тоа што го бара селекторот од нас. Ветувам дека на следните мечеви ќе се обидам повеќе да шутирам“, најави Елмас пред утрешната средба на арената „Тодор Проески“.