Ембид е главен конкурент на Јокиќ за МВП трофејот, седми натпревар по ред постигнува над 30 поени (Видео)

Џоел Ембид, центарот на Филаделфија сиксерс, и Никола Јокиќ се главните фаворити за МВП наградата, а како што се ближи крајот на регуларниот дел на сезоната, Ембид игра сè подобро.

Центарот на Филаделфија беше клучен играч во победата на неговиот тим од 118:109 над Кливленд кавалирс постигнувајќи 36 поени, а имаше и 18 асистенции.

Ова е седми натпревар по ред на кој Ембид дава 30 или повеќе поени. Од почетокот на 2023 година, Ембид одигра 30 натпревари и само на еден постигна 23 поени, додека на останатите даваше најмалку барем 26 поени.

Мемфис гризлис без суспендираната прва ѕвезда на екипата, Џа Морант, не е толку страшен и загуби со убедливи 138:119 на гостувањето кај Мајами.

Сакраменто ја оствари четвртата победа во последните пет натпревари, го совлада Чикаго со 117:114 и се израмни со Мемфис на второто место на табелата во Западната конференција.

Двата тима имаат по 41 победа и 27 порази, а ниту првото место не е далеку, лидерот Денвер има пет победи повеќе, но се наоѓа во серија од четири порази во низа.

Деарон Фокс со 32 поени беше најдобар кај Сакраменто и токму тој ги постигна поените за победа во последната секунда, додека листата на стрелци на Чикаго ја предводеше Демар Дерозан.

ЛА лејкерс, без помошта на двете најголеми ѕвезди, Леброн Џејмс и Ентони Дејвис, доживеа пораз против најслабиот тим на Западот, Хјустон рокетс, со 114:110 и направи чекор назад во борбата за плејофот, додека ЛА клиперс во дербито на вечерта со 134:126 беше подобар од Голден стејт вориорс. На Воините залудни им беа 50-те поени на Стеф Кари бидејќи двете ѕвезди на Клиперси, Кавај Ленард и Пол Џорџ заедно дадоа 54 поени.

Резултати: Кливленд – Филаделфија 109:118, Мајами – Мемфис 138:119, Чикаго – Сакраменто 114;117, Хјустон – ЛА лејкерс 114:110, Минесота – Бостон 104:102, Сан Антонио – Далас 128:137, ЛА клиперс – Голден стејт 134:126.

- Оглас -

Најнови вести