Полемиките околу тоа кој е најдобар кошаркар на сите времиња постоеле и ќе постојат, а во таа расправа се вклучи и Oлстар-центарот на Филаделфија сиксерс, Џоел Ембид. Според камерунскиот центар, најдобар играч во историјата не е ниту Мајкл Џордан, ниту Леброн Џејмс, кои се двајцата најспоменувани кошаркари на врвот на листата.
„Многумина велат дека Џордан бил најголемиот во историјата на кошарката, но не е. За мене, тоа е Вилт Чемберлен. Тој ги држи сите рекорди. Има рекорди кои никогаш нема да бидат надминати. Не гледам начин како некој би постигнал 100 поени на еден натпревар. Тоа е тоа, Вилт е најголемиот“, смета Ембид, кој беше трет пик на драфтот во 2014 година, а сезонава има просек од 27 поени, 13 скока и три асистенции по меч.
Оние што ги фаворизираат Џордан, па и Џејмс, сметаат дека Ембид изборот го направил и од субјективни причини, затоа што Чемберлен играше на иста позиција како него и затоа не сакал да избере бек или крило. Сепак, сите се согласуваат дека Џордан, Леброн и Чемберлен би биле во топ 10 листа на сите времиња.