За Арсенал, вечерашниот меч против Челзи од финалето на Лига Европа, значи многу повеќе од само борба за трофеј. Ако „топчиите“ победат во Баку, ќе се пласираат во групната фаза од Лигата на шампионите, до која не дојдоа преку домашното првенство.
Арсенал за првпат по 2006 година кога загуби од Барселона во ЛШ, игра финале во некое европско натпреварување, а дуелот со градскиот ривал Челзи од Лига Европа е увертира за саботното англиско финале од Лигата на шампионите.
Асот кој го има Арсенал во ракавот се вика Унаи Емери. Шпанскиот тренер трипати по ред ја освојуваше ЛЕ со Севилја.
„Со една победа, ќе оствариме две цели. Секоја титула за Арсенал е важна, а играме и за место во Лигата на шампионите. Сакам да направам нешто значајно за овој клуб. Лига Европа е силна, некои врвни тимови играа финалиња претходните години. Се надевам дека во иднина, Челзи-Арсенал може да биде и финале на ЛШ. Уверен сум дека нашите два клуба имаат некои од најдобрите фудбалери на светот“ – рече Емери пред вечерашниот меч од 21 часот.