Осумкратниот европски првак го претстави Емил Рајковиќ: Горд сум, голема чест е да се биде тренер на ваков гигант

Емил Рајковиќ и официјално на прес-конференција пред новинарите во Русија се претстави како нов тренер на осумкратниот европски првак ЦСКА Москва.

Македонскиот тренер имаше одлична авантура во Астана и вели дека не е изненаден од одлуката на раководството на ЦСКА Москва да го именува за нов тренер.

„Голема чест е да се биде тренер на осумкратен европски првак и еден од најдобрите кошаркарски тимови на планетата. Очекував да бидам нов тренер на ЦСКА и не сум изненаден бидејќи имавме неколку разговори, но секако дека сум горд што ме одбраа за нов тренер. Ги повикувам навивачите и целата заедница на ЦСКА да доаѓаат на натпреварите и да нè бодрат, а ветуваме дека ќе даваме максимум за да ги радуваме со нови победи“, изјави Рајковиќ на прес-конференцијата.

Македонскиот тренер ќе има тешка задача бидејќи поради ситуацијата во Украина, руските клубови нема да играат во Евролигата, па ЦСКА ќе мора да се потпре на млади сили и претежно на домашни играчи.

„Точно знам во каква ситуација доаѓам во клубот и тоа е уште поголем предизвик. Да играме добро, но и да промовираме нови таленти што ќе бидат иднина на ЦСКА. Ветувам дека ќе работиме напорно и дека клубот, кој е гигант, ќе продолжи по патеките на успехот што му донесоа огромно реноме во светот на кошарката“, изјави Рајковиќ.

Емил е првиот Македонец кој ќе биде тренер на клуб со 8 европски титули, а потпиша двегодишен договор со вториот најтрофеен тим во Евролигата.

- Оглас -

Најнови вести