Во рамките на третиот натпреварувачки ден на Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, младите кошаркари ѝ ја донесоа вкупно втората победа на Македонија на ЕМОФ, совладувајќи ја Германија во Баскет 3х3 со резултат 14:10. Најефикасен во нашиот тим беше Благојче Димитриовски со 10 постигнати поени, Ѓоровиќ постигна два, додека по еден реализираа Марковски и Стојановски. По синоќешната победа над Литванија 14:11, девојките денеска убедливо беа поразени од Германија 4:21.
Во останатите екипни спортови, македонските репрезентации повторно останаа без триумф. Најблиску до победа беше машката кошаркарска репрезентација, која по продолжение загуби минимално од Летонија со 97:98, додека девојките беа декласирани од Германија со убедливи 18:91. Младите ракометари третпат загубија, овојпат од Исланд со 27:36, додека ракометарките беа поразени од Норвешка со 23:31. Порази доживеаја и одбојкарските селекции, момчињата од Белгија со 0:3 и девојките од Турција 0:3.

Третиот ден го одбележа и стартот на натпреварите во маунтајн бајк, што се одржаа во Куманово. Во машка конкуренција триумфираше Ларс Пирс од Белгија со време 59:06 минути, додека кај жените златниот медал го освои Швајцарката Јаел Клаусер со резултат 55.56 минути.
Во фокусот на атлетските возбудувања во националната арена „Тодор Проески” се најде натпреварувањето во машка конкуренција во скок со височина, во кое двајцата најдобри прескокаа иста височина од 2,15 метри. Поради помалку обиди за скок, златото му припадна на Гркот Харалампос Алвизатос, додека Чехот Војчех Зајичек со идентична прескокната височина мораше да се задоволи само со сребрениот медал.
Јере Пенти Филјами од Финска се закити со златниот медал во фрлање копје со фрлени 74,54 метри, додека во трката на 5 км брзо одење триумфираше Италијанецот Николо Видал со време од 20 минути, 22 секунди и 43 стотинки.

Пливачките натпревари во Олимпискиот базен во Скопје исто така донесоа многу возбудувања. Во финалната трка на 200 метри мешано во машка конкуренција најбрз беше Британецот Остин Манли со време 2:07.23 минути, додека на 100 метри слободно, до златото исплива Италијанецот Даниеле Фиорели со резултат 51.89 секунди.
Во трката на 200 метри пеперутка кај мажите триумфираше Арел Гултекин од Турција со време 2:00,33 минути, додека на 100 метри градно во женска конкуренција најбрза беше Унгарката Петра Пуза со резултат за злато од 2:30,75 минути.