Срцата уште се скршени, емотивна победа посветена на настраданите во Кочани (Фотогалерија)

Едноминутен молк, без посебно прославување на головите, без навивање на публиката освен во 59-та минута кога ечеше „Кочани, Кочани“, го одбележаа најтажното гостување на македонската фудбалска репрезентација во нејзината историја.

Тажно затоа што не можеа да се израдуваат на победата против Лихтенштајн како што треба, поради деновите на голема тага по трагедијата во Кочани пред една недела. Фудбалот беше во втор план, не беше лесно да се игра во такви услови, но македонската репрезентација го положи првиот испит во квалификациите за Светското првенство.

Кај македонските фанови доминираше црна облека, тагата не поминува, скршени се срцата за што се случи во Кочани.

Фудбалерите вечерва се враќаат во Скопје и веќе почнуваат да се фокусираат на значајниот дуел на домашен терен со Велс во вторник на кој се надеваме на полни трибини, бидејќи парите од продадените билети ќе им бидат донирани на семејствата на настраданите.

- Оглас -

Најнови вести