Емотивни пораки од таткото и мајката на Лука Дончиќ

Преселбата на Лука Дончиќ од Далас во Лос Анџелес лејкерс била шокантна и за родителите на словенечкиот кошаркар. Таткото на Лука, Саша Дончиќ, кој и самиот е некогашен кошаркар, кој најголемиот дел од кариерата го мина во Словенија, каде што двапати беше шампион во локалната лига, го коментираше трансферот на неговиот син во Лејкерс.

„И јас бев изненаден, дури и шокиран. Ниту на почетокот не верував дека е вистина, навистина беше чудно. Но, во НБА сè е можно, па се случи и овој трејд. Мислам дека не е лошо, на крајот на краиштата, знаеме дека трите најпознати франшизи во НБА се Лејкерс, Бостон и Њујорк Никс“, рече таткото на Дончиќ.

Саша Дончиќ додаде дека во сите ситуации гледа позитивно и неколкупати повтори дека верува дека овој потег е добар за неговиот син. Но, го налути тоа што Лука откако со години му беше заштитно лице во Далас, последен дозна дека го менува клубот.

„Ја разбирам филозофијата дека одреден играч не е добар за тебе. Сето тоа е добро. Но, ова криење од некои поединци, ова лицемерие, боли. Со оглед на тоа колку се жртвуваше, Лука не го заслужи ова. Сега слушам дека сакаат да се извинат. Мислам дека тоа не е фер“.

Преку инстаграм-профилот се огласи и мајката на Лука,  Мирјам Потербин, која испрати долга емотивна порака.

„Само сакам да знаеш колку сум горда на тебе што започнуваш едно ново поглавје во кариерата. Секогаш си покажувал сила, храброст и решителност и не се сомневам дека ќе направиш неверојатни работи. Без разлика какви предизвици се појавуваат пред твојот пат, запомни дека имаш сила да се справиш со сè. Остани верен на самиот себе, Секогаш сум тука за тебе, те бодрам на секој чекор од патот и едвај чекам да видам каде ќе те одведе ова патување! Со сета моја поддршка, твојата мајка💛💜“, се вели во објавата на мајката на Лука Дончиќ.

- Оглас -

Најнови вести