Бразилскиот интернационалец, Ендрик, минатото лето пристигна од Палмеираш во Реал Мадрид за 48 милиони евра и од него се очекуваше многу. Сепак, раскошниот талент не го покажа на теренот, но и не доби голема можност да се покаже со оглед на тоа што настапи само на 14 натпревари и собра само 149 минути на теренот.
Тоа беше причина за шпанските медиуми да пишуваат дека веќе во јануари ќе биде испратен на позајмица, со оглед на тоа дека има договор до 2030-тата година. Сепак, кога младиот фудбалер ги видел овие написи, веднаш се обратил кај Флорентино Перес и Карло Анчелоти и јасно им кажал дека кај него нема разочарување и нема намера да си оди од „кралскиот“ табор.
Според шпанска „Марка“, младиот фудбалер им кажал дека оваа сезона за него е за адаптација и за учење, а дури од следната ќе очекува да се наметне кај тренерот и да има поголема минутажа, што треба да ја оправда со добри игри на теренот.