Ливерпул има неверојатна сезона. По 17 одиграни меча, клубот кој три децении чека титула во првенството, има речиси перфектен биланс. Со 16 победи и едно реми, Ливерпул веќе има двоцифрена предност пред второпласираниот Лестер, а неверојатно звучи, но четвртопласираниот Челзи веќе заостанува 20 бодови. Тоа значи дека трката за титулата уште од сега може да биде соло предизвик за Ливерпул.
Тоа што е многу значајно, Ливерпул никако не попушта во темпото посебно на свој терен. Против Ватфорд, навивачите од „Енфилд роуд“ повторно си заминаа задоволни. Ливерпул е во неверојатна низа која вели дека 966 денови Ливерпул не знае за пораз на свој терен во првенството.
Последен кој успеал со победа да си замине од „Енфилд роуд“ во Премиер лигата е Кристал палас (2:1) и тоа на 23 април 2017 година. Од тој ден па до сега, Ливерпул има одиграно 49 првенствени средби на свој терен во кои има 39 победи и 10 реми без пораз. Во овие 49 меча, тимот на Јирген Клоп има постигнато дури 126 голови.
Едноставно „Енфилд роуд“ се претвори во една од најголемите тврдини кои не се освоени во фудбалска Европа.