„Енфилд роуд“ сонува вакво чудо – ова се најголемите пресврти во историјата на ЛШ

Без двајца клучни играчи во нападот како што се Мохамед Салах и Роберто Фирмино, Ливерпул ќе треба вечерва да нападне против Барселона ако сака да се обиде да ја анулира негативата од 3-0 по првиот меч на „Камп ноу“. Иако е речиси неверојатно, во Лигата на шампионите се случувале чуда и големи пресврти. Интересно е што и Барселона и Ливерпул ги има во тие најголеми пресврти во елитното натпреварување на УЕФА.

БАРСЕЛОНА – ПСЖ 6-1

Пари Сен Жермен победи со 4-0 на првиот меч и беше многу тешко да се очекува Барселона да оди понатаму. Каталонците добро почнаа, водеа со 3-0, но потоа Кавани даде гол во 62-рата минута и се чинеше дека „светците“ ќе одат понатаму.

Сепак, во последните неколку минути се случи чудо. Нејмар погоди во 88-мата минута, а потоа даде гол и од пенал во 90+1, а неверојатниот пресврт го комплетира Роберто со погодок во 90+5 минута за потребните 6-1 и продолжување понатаму.

РОМА – БАРСЕЛОНА 3-0

Минатата сезона Барселона победи со 4-1 на свој терен против Рома во првиот меч од четвртфиналето и ретко кој веруваше дека „римската волчица“ може да направи чудо. Сепак, на „Олимпико“ Рома славеше со 3-0 и продолжи во полуфиналето од ЛШ.

https://youtu.be/B4OivXujbGM

ДЕПОРТИВО ЛА КОРУЊА – МИЛАН 4-0

Во 2004 година, шпанскиот тим не се предаде и покрај поразот од 4-1 на „Сан Сиро“ во четвртфиналето. Во реваншот, Ла Коруња успеа да победи со 4-0 и да го елиминира Милан во чии редови беа ѕвездите Кака и Шевченко. Валтер Пандијани (петта минута), Хуан Карлос Валерон (35), Алберт Луке (44) и Фран (76) беа стрелци на головите.

https://youtu.be/ypRiCyd9tZc

МОНАКО – РЕАЛ МАДРИД 3-1

Исто како и Ла Коруња, во 2004 година во четвртфиналето Монако успеа да го елиминира Реал Мадрид. Кралевите победија со 4-2 на првиот меч во Мадрид, но на реваншот загубија со 3-1 и поради повеќе голови примени на свој терен беа елиминирани.

Лудовик Жили даде два гола (45-та и 66-та минута), а за домаќините погоди и Фернандо Мориентес кој беше играч на Реал под наем во Монако.

МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД – БАЕРН МИНХЕН 2-1

Антологиското финале од 1999 година не смее да се заборави. Баерн Минхен водеше со 1-0 сè до 90-тата минута, кога Теди Шернгам 90+1 и Оле Гунар Солскјер во 90+3 донесоа голем пресврт и победа за Манчестер јунајтед и шампионска титула.

https://youtu.be/1ot6P2lazZA

ЛИВЕРПУЛ – МИЛАН 3-3

Уште едно големо финале ќе се памти по пресвртот. Во 2005 година се случи чудо во Истанбул. Милан водеше со 3-0 на полувреме против Ливерпул, но англискиот тим не се предаде и во второто полувреме стигна до 3-3, а на крајот, по подобро изведување на пенали, успеа и да се радува на трофејот.

Малдини (прва минута), Креспо (39-тата и 44-тата минута) погодија за Милан, а пресвртот го најавија Џерард (56), Шмицер (56) и Алонсо (60-тата минута).

https://youtu.be/hEDvtpJX4co

ЈУВЕНТУС – МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД 2-3

Сезоната 1998/99 дефинитивно беше за памтење на Манчестер јунајтед. Освен чудото во финалето против Баерн, се случи и чудо во полуфиналето против Јувентус. Англискиот тим дома одигра 1-1 и потоа замина во Торино, каде што Јувентус беше доминантен.

Италијанскиот тим со головите на Филипо Инѕаги поведе со 2-0 само по 11 минути игра, но тоа не беше крај. Рој Кин во 24-тата  и Двајт Јорк во 34-тата минута погодија за 2-2, а во 84-тата минута Енди Кол го комплетираше пресвртот.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести