Пари Сен Жермен е клубот кој во изминативе неколку години беше оној кој најмногу инвестираше во доведување нови фудбалери, но сепак не успеа во својата главна цел, а тоа е освојување на Лигата на шампионите. Францускиот првак ова лето направи рез во составот и остана без неколку големи ѕвезди, како што се: Лионел Меси, Нејмар, Серхио Рамос, Марко Верати, а го смени и тренерот.
Луис Енрике седна на клупата на Светците и шпанскиот стратег верува дека неговиот тим има сили да го оствари тоа што им беше неуспех во последните неколку години, а тоа е освојување на ЛШ, иако во првенството тимот го има најлошиот старт од 2010 година. ПСЖ има само три победи во првите седум кола во француското првенство, но тоа не го разочарува Енрике.
„Во турнир како Лигата на шампионите мора постојано да си во добра форма. Треба да си на посакуваното ниво во групната фаза, а потоа, секако, и во елиминациите. Многу фактори се важни за да се стигне до трофејот. Кажете како сакате, но ние сме меѓу фаворитите за освојување на ЛШ. Од гледна точка на потенцијал, мислам дека има малку екипи кои може да ни парираат и се на нашето ниво. Сакам да играме максимално концентрирани на секој меч. Ако тоа го направиме, тогаш имаме шанса“, вели Енрике.
ПСЖ в среда ќе гостува кај Њукасл во второто коло од Лигата на шампионите. Светците имаат три бода благодарение на победата од 2:0 против Борусија Дортмунд.