Луис Енрике, селекторот на шпанската репрезентација вели дека Аргентина со Лионел Меси е топ-фаворит за светската круна на Мундијалот во Катар, а веднаш зад Гаучосите е Бразил, па потоа и неколку европски селекции меѓу кои е и таа што ја предводи како кормилар од 2018 година.
„Аргентина е мојот фаворит. Тие се за нијанса пред сите. Го имаат Меси, конечно станаа прваци на Јужна Америка и имаат и тимски и индивидуален квалитет за титулата.
Веднаш ќе кажам дека и Бразил е тука некаде и не сакам погрешно да бидам разбран дека фаворизирам некого. Тоа е мое мислење, а секако дека титулата може да пристигне и во Европа.
Франција, Шпанија, Германија, Англија, Хрватска… сите се со екстра квалитет и можат до титулата. Ние имаме одличен тим и индивидуалци и сме на рамниште на главните фаворити.
Предност на европските селекции е што се игра Лигата на Нации, постојано големите репрезентации играат меѓусебе и ќе бидат во топ-форма за разлика од Аргентина и Бразил, кои немаат таква можност за силни мечеви како подготовка за Мундијалот во Катар“, вели Енрике.
Мундијалот ќе се игра во ноември и декември оваа година.