Англискиот премиерлигаш Челзи прави голема реконструкција на тимот. Новиот менаџер Енцо Мареска сака до крајот на летото да продаде дури уште 12 играчи за кои смета дека повеќе немаат место во клубот.
Челзи ќе го напушти Ромелу Лукаку, кој речиси сигурно ќе ја продолжи кариерата во тимот на Наполи, додека се бара нова средина и за голманот Кепа Аризабалага. Тој можеби повторно ќе оди на позајмица во Реал Мадрид, доколку Украинецот Лунин замине од „Бернабеу“.
Тревох Чалоба не отпатува со тимот на Челзи на подготовките во САД, па и тој треба да го напушти клубот, а Мареска во плановите го нема ниту репрезентативецот на Англија, Конор Галагер.
Иако минатата сезона беше прв голман, Мареска сака да го продаде и Ѓорѓе Петровиќ, а по неговиот пат треба да тргне и левиот бек Бен Чилвел.
Армандо Броја и Давид Датро Фофана исто така се на продажба, а на радарот на Лацио се наоѓа Чезаре Касадеј кој исто така треба да го напушти „Стемфорд бриџ“.
Алфи Гилкрист, Андреј Сантос и Лесли Угочукву исто така треба да заминат од Челзи или барем да одат на позајмица, пишуваат медиумите од Островот.