Европското првенство во фудбал кое ќе се одржи летово во Германија може да стане првото во историјата на кое нема да има ниту еден дебитант.
Европските првенства се одржуваат од 1960 година и на секој турнир имало барем по еден тим кој првпат се квалификувал за ЕВРО. Во моментов познати се 21 тим кои ќе играат на ЕП 2024, а денеска ќе бидат одредени последните тројца учесници.
Овие три билети ќе ги добијат победниците од бараж-натпреварите Велс – Полска, Украина – Исланд и Грузија – Грција.
Меѓу шесте претенденти за преостанатите три слободни места на ЕП 2024, само Грузија никогаш не играла на ЕП. Затоа услов за ЕП 2024 да стане првото во историјата без дебитанти е победа на Грција над Грузија во Тбилиси.