ЕП за Македонија не е завршено, дуелот против Швајцарија е квалификациски за следното СП

Уште кога беше извршена ждрепката за Европското првенство во Германија, ни беше јасно дека шансите да ја минеме групната фаза ни се сведени на теорија. Група со Германија и Франција, каде што поминуваат само двете најдобри репрезентации, беше невозможно мисија уште од стартот. Но, Македонија од 2012 година во континуитет е дел од големите ракометни собири, а ако сакаме така да биде и следниот јануари и на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка, тогаш на дуелот против Швајцарија мора да гледаме како квалификациски.

Шемите и комбинациите за баражот за следното Светско првенство ги објаснивме пред некој ден, Македонија мора да биде најмалку 17-та на ова Европско првенство за да добие полесен противник во баражот. Македонија во моментов има нула бодови и гол-разлика од -19, но во групата „Е“ репрезентациите на Грузија и Босна и Херцеговина имаат послаб ефект од нашиот по две кола. Двете селекции немаат бодови во пресрет на нивниот денешен натпревар, Грузија има гол-разлика од -21, БиХ од -25. Доколку има победник на овој натпревар, тој ќе ни биде реперот за освојување на 17-тото место и евентуалното бркање на победа со одредена гол-разлика против Швајцарија, но доколку овој натпревар заврши нерешено, тогаш Македонија со каква било победа над Швајцарците ќе биде трета во групата „А“, но во никој случај нема да биде најслабата третопласирана селекција на првенството, што е нашата цел во моментов.

Сето ова би значело дека Босна и Херцеговина и Грузија ја завршија половина од нашата работа, сега нам ни останува само да ја победиме Швајцарија и во баражот да чекаме противник кој бил послаборангиран од нас на Европското првенство или во најдобар случај, една од четирите репрезентации кои преку квалификациите ќе дојдат во баражот, што во секој случај би била репрезентација против која би можеле да се надигруваме, дури и да бидеме фаворити, за разлика од онаа несаканата комбинација, според која ние би биле аутсајдери и би играле против подоброрангирана репрезентација во случај да бидеме 18-ти или подолу на ова првенство.

- Оглас -

Најнови вести