Хрватска ќе игра во финалето на Европското ракометно првенство, откако по неверојатна борба со 29:28 ја победија Норвешка. Неверојатна драма имаше, откако по 60 минути беше нерешено, немаше победник ни по 70 минути, а на крајот со голот на Муса на три секунди пред крајот на 80-тата минута се пласираше во финалето. Дувњак со 8 гола беше најефикасен кај победничкиот тим, а Сагосен беше најефикасен кај Норвешка со 10 погодоци.
Вториот финалист ќе биде познат по завршување на мечот Шпанија – Словенија кој ќе започне во 20:30 часот.
ОД ПОЧЕТОК СЕ ЗНАЕШЕ ДЕКА ЌЕ БИДЕ ДУЕЛ КОЈ ЌЕ СЕ РЕШИ ВО ПОСЛЕДНАТА СЕКУНДА
Уште од самиот почеток на дуелот меѓу Норвешка и Хрватска беше јасно дека ова ќе биде меч кој може да се реши со последната топка. Норвешка водеше со 4:3, а потоа Хрватска стигна до 7:5 и до крајот на првиот дел ја одржуваше оваа предност од два погодоци. На стартот од второто полувреме Хрватска поведе и со три разлика (15:12), но Норвшка со низа од 3:0 израмни на 15:15 во 42 минута и драмата продолжи.
Хрватите ја имаа предноста од еден гол, но Норвежаните брзо возвраќаа, па во 56 минута беше 22:22, што беше вкупно 12-то израмнување до тој момент на средбата. Потоа следуваше гол на Домагој Дувњак, а во овој период голманот на Хрватска Мате Јашанин одбрани два пенали.
На 30 секунди до крај, Јон Дал израмни на 23:23, а на Хрватите им останаа 20 секунди за да постигнат победнички гол. Лино Червар побара тајм-аут и беше решено да играат во нападот со 7 на 6, но не организираа добар напад и средбата заврши нерешено, што значеше и продолжение.
МОРАШЕ ДА СЕ ИГРААТ ДОПОЛНИТЕЛНИ 20 МИНУТИ
Драмата продолжи. Беше 24:24, потоа и 25:25 во 67 минута. Норвешка водеше со 26:25, а Хрватите во последната секунда се изборија за пенал, а Дувњак погоди за 26:26 по 70 минути и ново продолжение. Беше и 27:27, па 28:28 во 79 минута, а Норвешка го имаше последниот напад во кој ја погодија стативата, а Хрватска со голот на Муса во последната секунда стигна до финале.