Епски пресврт на Порто за триумф во Суперкупот на Португалија: Губеше 0-3 и на крај го освои трофејот

Новата сезона во Португалија ќе биде „лудило“, ако се суди по првиот натпревар. Порто и Спортинг Лисабон вечерва играа во Суперкупот, и славеа „змејовите“ иако Спортинг имаше предност од 3-0 на почетокот на мечот.

Сепак, Порто направи епски пресврт и по продолженија славеше против големиот ривал со 4-3, освојувајќи го пехарот во ова натпреварување.

Инасио во шестата минута, Гонкалвеш три минути подоцна и Куенда во 24.минута донесоа експресно водство од 3-0 за Спортинг Лисабон. Сите помислија дека шампионот лесно ќе го освои пехарот од Суперкупот.

Но, така не мислеа и фудбалерите на Порто. Галено намали во 28.минута на 3-1, а во второто полувреме постигна уште еден гол, надоврзувајќи се на голот на Нико Гонзалес, кој погоди само две минути претходно, во 64.минута.

Дуелот отиде во продолженија, а Иван Хаиме во 101.минута постигна гол за чудесен пресврт и за 24-та титула на Порто во Суперкупот на Португалија.

- Оглас -

Најнови вести