25.8 C
Skopje
вторник, 23 септември 2025

Ериксен: Легендите на Јунајтед не му помагаат на клубот со жестоките критики

Поранешниот играч на Манчестер јунајтед, Кристијан Ериксен, смета дека жестоките коментари од легендите на клубот, како Гери Невил и Рој Кин, не му помагаат на актуелниот состав на Црвените ѓаволи. Под водство на Рубен Аморим, тимот ја започна сезоната во Премиер лигата со многу турбуленции, а данскиот интернационалец повика на поумерени и пореалистични очекувања од страна на јавноста и поранешните фудбалери.

Невил и Кин, во улога на телевизиски аналитичари, често не штедат критики за Јунајтед. Во моментов клубот е на 11-тото место во табелата, а пред неколку дена доживеа елиминација од Карабао купот од второлигашот Гримзби, удар кој дополнително ја влоши атмосферата околу „Олд Трафорд“.

„Секој може да види колку е голем клубот и колку луѓе сакаат да бидат дел од него, дури и преку медиумите“, изјави Ериксен за „ЕСПН“.


„Проблемот е што негативните мислења се пренесуваат директно кај навивачите, кои им веруваат на своите идоли од телевизија. Тоа само ја зголемува тежината врз играчите.“

Ериксен, кој со Манчестер јунајтед ги освои ФА купот и Карабао купот, истакна дека во клубот често се потценува значењето на домашните трофеи.


„Секако дека секој би сакал Јунајтед повторно да освојува титули секоја година, но денес тоа е речиси невозможно со оглед на конкуренцијата. Дури и фактот дека освоивме два трофеи за две сезони е нешто со кое повеќето клубови би се гордееле. Но, поради големината и имиџот на Манчестер јунајтед, тоа се смета за недоволно“, додаде тој.

По победата над Челзи, Рубен Аморим и неговите избраници ќе се обидат да ја продолжат позитивната серија и в сабота на гостувањето кај Брентфорд во рамките на шестото коло од Премиер лигата.

- Оглас -

Најнови вести