Кристијан Ериксен се враќа на теренот. Данскиот фудбалер кој претрпе срцев удар за време на Европското првенство минатото лето, по седум месеци пауза треба повторно да биде активен.
По срцевиот удар, Ериксен мораше да си замине од Интер, затоа што во Италија важи правило дека не може да играат фудбалери кои имаа вградено помагало за срцето. Клубови од Германија, Холандија и Англија се интересираа за Ериксен, а фудбалерот во најскоро време треба да ги помине лекарските прегледи и да го облече дресот на Брентфорд.
Клубот кој е дебитант во Премиер лигата, треба да го има Ериксен во следните шест месеци, а потоа ако постои договор, соработката ќе се продолжи. Брентфорд моментно е на 14 место во Премиер лигата со 23 бодови од 23 меча и главна задача им е да обезбедат опстанок во лигата.
Ериксен пред да заигра за Интер, дури седум сезони го носеше дресот на Тотенхем и многу добро го познава англиското првенство.