Кристијан Ериксен пред седум месеци преживеа срцев напад на теренот, и тоа за време на Европското првенство. Капитенот на Данска ненадејно падна на тревата за време на дуелот од првото коло против Финска.
Брзата лекарска интервенција му го спаси животот на Ериксен, кој по операцијата доби и вграден дефибрилатор во телото. Фудбалерот кој имаше договор со Интер, мораше да ја раскине соработката затоа што во Италија не дозволуваат фудбалери коишто имаат срцеви проблеми да играат професионален фудбал.
Ериксен не сакаше да се откаже од фудбалот, па пред 10-тина дена потпиша за Брентфорд во Премиер лигата. Англиското првенство му е добро познато на Данецот затоа што со години играше во Тотенхем, но сега има нов голем предизвик да покаже дали може да се врати во старата форма.
„Добро се чувствувам, но уште не сум заиграл фудбал. Секојдневно тренирам и ја подобрувам кондицијата. Сепак, додека не почнам да играм, нема да имам јасна слика за тоа како сум. Ќе видиме како моето тело ќе реагира на напорот што го бара фудбалскиот меч. Следните четири-пет месеци ќе ми покажат кој сум, дали повторно сум фудбалер“, вели Ериксен.
Брентфорд утре ќе гостува кај шампионот Манчестер сити, но Ериксен најверојатно нема да биде подготвен за деби во новиот тим.