Ернандес: Знаевме дека Србија е многу висок тим и пробавме да го искористиме тоа

Победата на Аргентина над Србија во вчерашното четврт-финале на СП во кошарка изненади многумина во кошаркарскиот свет, а селекторот Серхио Ернандес откри како го подготвувал својот тим за оваа средба.

„Констатиравме дека Србија е многу добар тим, многу незгоден и баш висок. Не малку, туку многу се повисоки од моите играчи. Ние ја имавме најдобрата одбрана на првенството, со најмногу украдени топки, но јасно ни беше дека ќе примиме 90-тина поени. Не можевме да ги запреме нивните високи играчи во рекетот. Затоа одлучивме дека мора да дадеме поен повеќе од противникот. Сите тренери потенцираат одбрана и само одбрана, но мора да дадете повеќе поени ако сакате да победите. Моравме да дадеме 95 или 100 поени за да победиме. Клуч на успехот ни беше нападот, не одбраната“, вели Ернандес, кој сега од 13 часот ќе ги гледа САД и Франција и ќе ги анализира своите ривали за полуфиналето, па можеби и нив ќе им најде сериозни слаби точки.

Селекторот на Гаучосите додаде дека тимот не е висок и атлетски граден, но игра многу паметно и дисциплинирано.

„Не велам дека сме попаметни од другите, туку сме доволно паметни, дисциплинирани и натпреварувачки настроени, сакаме да победуваме. Плус тоа, го имаме Кампацо, хахаха“, рече Ернандес со насмевка на лицето.

- Оглас -

Најнови вести