Фудбалскиот клуб Еспањол во пресрет на градското дерби в сабота им забрани на навивачите на Барселона да носат дресови и други обележја на нивниот тим и ги засили безбедносните мерки.
Тензиите се особено големи поради голманот на Барса, Жоан Гарсија, кој првпат ќе гостува кај својот поранешен клуб од којшто премина кај ривалот. Еспањол ќе постави заштитни мрежи зад двата гола, за да се спречи фрлање на предмети на терен со кои би бил гаѓан Гарсија.
„Влезот до стадионот со каков било вид облека, шал или идентификациски симбол на ФК Барселона е строго забранет. На секое лице кое носи дресови, шалови, капи, знамиња или други препознатливи елементи на гостинскиот тим нема да му биде дозволен влез на стадионот“, се вели во соопштението на Еспањол.
Инаку ова е стандардна практика кога некој меч од Ла Лига е прогласен од висок ризик.
Еспањол ги предупреди своите фанови дека прекршувањата на дисциплинските прописи би можеле да доведат до санкции, вклучувајќи високи парични казни и привремена суспензија или повлекување на членството во клубот.

