Естонија и Италија одиграа луд меч со трагичен крај за Македонија

Естонија направи изиенадување и славеше над Италија со 105:101 во меч од квалификациите за Европското првенство. Овој резултат најмалку ѝ одговараше на Македонија, која е во оваа група од квалификациите. Нашите кошаркари се надеваа дека Италија ќе победи и потоа во директен дуел да решаваме со Естонците за место на завршницата на континенталниот собир.

Сепак, Естонците имаа други калкулации, одиграа одлично и цели три четвртини постојано беа во водство. Откако на почетокот на втората четвртина поведоа со 22:21, до самиот финиш на средбата во ниту еден момент не ја испуштија предноста. На полувреме Естонија замина со водство 54:44, а со добра игра продолжија и во следните 10 минути.

Највисоката предност Естонија ја имаше во 14-тата минута, кога имаше предност од плус 22 поени (68:44). Италија намали на 16 негатива во пресрет на последната четвртина. Откако на семафорот во 33-тата минута покажуваше 89:72 за Естонија, делуваше дека победникот е познат, но Аѕурите не се предадоа.

Со неверојатна игра во последните 7 минути, Италија успеа да му анулира 17 поени на противникот и стигна до 94:94. Естонците го имаа последниот напад за победа, но промашија и мораше да се игра дополнителни 5 минути. По цели 33 минути во негатива, Италија во продолжението поведе со 98:97, но Естонците не се збунија и со добра игра во одбраната успеаја да ги спречат ривалите, а во нападот погодија за 102:98 на 13 секунди до крајот. Италија даде тројка на 4 секунди, но тоа не беше доволно да стигнат до победа.

Македонија попладнево од 15:30 часот ќе игра против Русија. Нашите кошаркари до крајот ќе играат уште еднаш со Италија и со Естонија. Од трите меча до крајот, Македонија треба да брка две победи, од која едната мора да биде над Естонија, и тоа барем со 10 поени предност.

 

- Оглас -

Најнови вести