Една од најдобрите скијачки на сите времиња Линдзи Вон, веќе десетина дена води многу важна битка, да го спаси коленото кое го повреди за време на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина. Вон имаше тежок пад и тоа по само 10-тина секунди поминати на спуст патеката.
Американката имаше неколку операции во болницата во Италија, а потоа беше пренесена во родната земја. Синоќа, скијачката беше подложена на уште една операција која траеше повеќе од шест часа, но најважно е дека беше успешна.
„Операцијата помина успешно. Траеше повеќе од шест часа. Како што може да видите потребни беа многу плочки и завртки за да се состави сѐ, но д-р Хакет заврши неверојатна работа“, напиша Вон покрај снимката на која јасно се гледа металната структура што сега ја држи коската на место.
View this post on Instagram
Вон е свесна дека ја чека долга и тешка рехабилитација. Непосредно пред почетокот на ЗОИ, Вон ги скина вкрстените лигаменти на коленото, а иако лекарите советуваа дека не треба да настапи на Игрите, искусната 41-годишна скијачка реши да се натпреварува и очигледно дека многу згреши и тоа значеше крај на нејзината кариера.

