Фудбалерите на Реал Мадрид од минатата недела се вратија во тренинг базата и полека влегуваат во посакуваниот ритам. Од 18 мај ќе биде дозволено тренинзите да се одвиваат во помали групи, а од 30 мај се очекува дозвола за работење на тренинг во нормален ритам.
Сите фудбалери на Реал беа негативни на Коронавирусот, но паузата од два месеци изолација дефинитивно оставила трага. Дефанзивецот Дани Карвахал открива колку било тешко на првиот тренинг по враќањето од карантинот.
„Кога започнавме со тренинзите, многумина од нас имаа проблем да ја контролираат топката. Никако не може да се спореди тренирањето во домашни услови и тоа во тренинг центарот. Првиот ден на тренинг беше ужасен, како никогаш да не сме играле фудбал. Сега е се подобро и наскоро треба да бидеме подготвени. На нас е да тренираме, да ги почитуваме сите протоколи за безбедност и да се надеваме дека сезоната ќе продолжи“, рече Карвахал.
Реал Мадрид моментно е втор на табелата во Примера со еден бод зад вечниот ривал Барселона.