Легендата на хрватскиот фудбал, Звонимир Бобан (56), се враќа во својот матичен клуб Динамо Загреб. Веста ја потврди клубот преку објава на социјалните мрежи, без да ја прецизира точната функција што Бобан ќе ја извршува. Сепак, според најавите, неговото именување во управата ќе биде разгледано и потврдено на следната седница на Извршниот одбор во среда.
„Љубовта кон единствениот клуб нема граници, нема пречки. Денес ја повикав нашата сина легенда повторно активно да се вклучи во хрватскиот фудбал, во нашиот Динамо. Звоне, добредојде дома“, изјави претседателот на клубот, Велимир Зајец.
Бобан неодамна самиот најави дека сака неговата последна фудбалска станица да биде токму клубот каде што почна сè – Динамо.
„Сè ми почна со сино, животот ми помина во сино, и сакам да заврши во сино“, истакна Звонимир Бобан.
Бобан е едно од најголемите имиња во хрватскиот фудбал. Беше капитен на репрезентацијата што освои бронза на СП 1998, а со младиот тим на Југославија до 20 години беше светски шампион во 1987. Играше и за Милан, со кој ја освои Лигата на шампионите во 1994 година и четири титули во Серија А.
По крајот на кариерата, работеше како спортски директор во Милан и беше активен во медиумите и во институции како ФИФА и УЕФА.