Екипата на Црвена ѕвезда и втора сезона ќе игра во групната фаза на Лигата на шампионите, откако вечерва во Белград успеа да ја надополни негативата од првиот натпревар во Норвешка и да го совлада Бодо Глимт со 2-0.
За разлика од минатата сезона кога Црвена ѕвезда имаше директен пласман во групите, оваа сезона мораше и тоа како да се испоти за пласман во фудбалската елита.
Бруно Дуарте во 26-тата минута од пенал донесе водство од 1-0 за „црвено-белите“, а голот вреден пласман во групната фаза беше дело на Урош Спајиќ во 59-тата минута. Во продолжение од мечот гостите од Норвешка притискаа, а Црвена ѕвезда имаше неколку одлични прилики да стави точка на овој натпревар.
Пласман во Лигата на шампионите обезбеди и противникот на Струга од првото квалификациско коло, Слован од Братислава, кој вечерва со 3-2 на домашен терен го совлада дански Митјиланд, откако првиот меч заврши 1-1. Во Лигата на шампионите ќе игра и француски Лил, кој иако загуби на гостувањето кај Славија Прага со 2-1, сепак успеа да ја сочува предноста од 2-0 од првиот меч.