Навивачите на Хајдук Сплит уште еднаш покажаа како се сака и помага на својот омилен клуб, откако за само четири часа ги купија сите билети за дуелот на „Пољуд“ на 10 август против ПАОК, во рамките од третото квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА.
Хајдук Сплит во првите две кола од домашното првенство ги победи Динамо во Загреб и Риека во Сплит и има максимални шест бода. На мечот против Риека, стадионот „Пољуд“ беше исполнет до последно место, а така ќе биде и на европската пресметка против ПАОК.
УЕФА реши дека на дуелите на овие два тима, нема да има присуство на гостински фанови. Забрана ќе има за доаѓање на грчки фанови во Сплит, како и гостување на „Торцида“ во Солун на реваншот.
Хрватскиот тим летово направи акција за продажба на сезонски членски карти и досега има продадено преку 85.000 вакви билети. Целта е да се стигне до 112.000 членски книшки за оваа сезона и да се одбележат 112 години од постоењето на клубот.