Еурофарм Пелистер вечерва (20:45 часот) ќе го одигра својот втор натпревар пред домашната публика во Лигата на шампионите. Во Битола гостува данскиот тим ГОГ Гудме, кој ќе ја бара првата победа во елитното натпреварување оваа сезона.
Тренерот на македонскиот шампион, Рубен Гарабаја, го објави составот за натпреварот. Искусниот дефанзивец Илија Абутовиќ сè уште не е подготвен по повредата, но во екипата ќе биде новото засилување на голманската позиција, Саид Хеидарирад.

Според квотите, Еурофарм Пелистер е умерен фаворит на овој натпревар и со поддршка од верните фанови се надева на успех.
„Се подготвувавме максимално. Играме против млада екипа којашто игра скандинавски ракомет. Сме се соочиле со такви екипи и сме минувале и добро и лошо. Ќе го дадеме нашиот максимум, како што беше на натпреварите со Загреб и ПСЖ. Сакаме да извојуваме победа и да ги израдуваме нашите фанови, особено Чкембарите, коишто слават роденден 40 години. Сите веруваме во чуда и на натпреварите даваме по 200% и секогаш ќе се бориме до крај“, вели левото крило на пелистерци.