Еурофарм Пелистер како фаворит влезе во мечот против ГОГ Гудме во Битола, но тоа не го оправда на теренот. Гостите од Данска си заминуваат со целиот плен, откако победија со 28-31.
Битолчани играа само 20-тина минути, кога буквално го газеа противникот и имаа убедливи пет гола предност, но тука како да застанаа. Предноста брзо се стопи, а ГОГ успеа да дојде до нерешено на полувремето, 14-14.
Шампионот на Македонија катастрофално го отвори вториот дел, па Данците брзо дојдоа до +4, а Еурофарм Пелистер постојано бркаше, но никако не успеваше да го преземе водството. Битолчани само во еден момент успеаја да дојдат до минус еден, а на крајот ГОГ славеше со три гола разлика.
Дејан Манасков со девет гола беше најефикасен во редовите на Еурофарм Пелистер, додека Филип Кузмановски постигна еден гол помалку. Фредерик Бјере беше вистинска енигма за битолчани, па сите негови 13 удари завршија во мрежата на македонскиот шампион.