Еурофарм Пелистер: Не бараме милост, туку двете полуфиналиња да бидат во ист ден!

По одлуката на Натпреварувачката комисија на РФМ за првото полуфинале од Купот за мажи, кое треба да се игра утре, да играат Еурофарм Пелистер и Тиквеш, а другото полуфинале да биде в петок помеѓу Вардар 1961 и Алкалоид, повторно се огласија битолчани кои први бараа промена на термините.

Според нив, двете полуфиналиња треба да се играат во ист ден, без разлика дали тоа ќе биде утре или задутре, со тоа што нивниот меч би се играл прв.

„Со големо внимание ги прочитавме денешните соопштенија на РК Вардар 1961 и РК Алкалоид (се појавија во медиумите во временска разлика од две минути) и надоврзано на тоа известувањето за медиумите од Ракометната федерација на Македонија (РФМ). Во насока на овие соопштенија и известување до медиумите би сакале да го изнесеме нашиот став.

Најпрво сакаме да ја искажеме голема благодарност на спортските колективи РК Вардар 1961 и РК Алкалоид што поаѓајќи од спортски побуди и начелото на ферплеј, согледувајќи ја незаконската и штетна одлука за спортот донесена од страна на РФМ, одлучија да помогнат во надминување на непријатната ситуација во која се најдовме сите ние. Посебно сме благодарни на РК Вардар 1961, кои претходно со ништо не придонесоа сите ние да се најдеме во ваква ситуација (ние во нашите соопштенија внимателно кога споменувавме спортски колективи користевме еднина).

Ние милост не побаравме од никого. Ние побаравме нашата „борба“ да се разбере исклучиво како „борба“ за правда и почитување на законските одредби. Следствено на тоа, за нас во овој момент тотално е неприфатливо нашата екипа усилено и однапред смислено да стане „повластена“.

Според нас, во овој момент можни се две решенија:

1. Да се почитува првичниот извлечен распоред.
2. И двете полуфинални средби да се играат во четврток 16.5.2024 или петок 17.5.2024. Што се однесува до термините за одигрување, ние сме согласни доколку има потреба (за да го испочитуваме и терминот за женските полуфинални натпревари), и во двата предложени датуми да играме од 14 часот. Само во ваков случај ќе биде испочитуван правилникот донесен од страна на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) и ќе се почитува начелото на ферплеј и рамноправност.

Се разбира дека очекуваме од страна на РФМ да слушнеме јавно извинување за ненамерно направената грешка и за својата одлука прво да бидат известени клубовите. Доколку има јавно извинување од страна на РФМ за направената грешка, тоа од наша страна ќе биде целосно прифатено како ненамерно и јавно ќе дадеме согласност воопшто да нема никаква промена во направениот распоред по несреќно донесената одлука од страна на РФМ. Почитувани, време е за врвен ракомет кој ќе биде на големо задоволство на сите љубители на овој спорт, време е да се се најдат сили да се надмине ситуацијата која настана поради донесување непромислена и избрзана одлука – штетна за спортот“, се вели во соопштението на Еурофарм Пелистер.

- Оглас -

Најнови вести