Еурофарм Пелистер го претрпе деветиот пораз во 11. коло на ракометната Лига на шампиони, откако пред своите навивачи во Битола загуби од Висла Плоцк со 25:28. По овој резултат, Пелистер остана на претпоследното место на табелата со само четири бода, додека Висла Плоцк се израдува на седмата победа и се зацврсти на третото место на табелата зад непрокосновените Магдебург и Барселона.
Пелистер лошо го започна мечот, па Висла Плоцк поведе со 3:0, а битолчани првиот погодок го дадоа во седмата минута. Гостите имаа контрола на резултатот, а Бергеруд беше одличен на голот и имаше седум одбрани (два пенали и уште пет шута), па очекувана беше предност на Висла од 9:4 во 20 минута.
Потоа следуваше добра игра на Пелистер. Голманот Никола Митревски нареди четири одбрани, а домаќините беа ефикасни во нападот, па со серија од 4:0 стигнаа до само еден гол негатива 8:9 во 24 минута. Сепак, во последните неколку минути од првиот дел, гостите заиграа многу подобро, па на полувреме заминаа со предност од 13:9.

Во вториот дел Пелистер се обидуваше да го изненади гостинот, но полскиот фаворит во 44 минута за прв пат стигна и до шест гола позитива (14:20), но тука не беше крајот.
Битолчани заиграа феноменално во одбраната, што им донесе брзи контра напади и лесни погодоци, па со серија од 5:0 стигнаа на само еден гол негатива (19:20) во 48 минута. Сепак, гостите во финишот заиграа многу подобро, повторно стигнаа до солидна предност и стигнаа до мирен финиш и победа.

