Еурофарм Пелистер немаше сили да се спротивстави на фаворизираниот гостински тим на Колстад и загуби на дуелот во Битола со 22:31, во првото коло од ракометната Лига на шампиони.
Гостите беа големи фаворити и пред почетокот, а силата на норвешкиот тим, битолчани ја почувствуваа уште на самиот старт. Пелистер поведе со 1:0, а потоа следуваше фуриозна игра на Колстад и гостите со серија од 7:0 стигнаа до убедлива предност во 12-тата минута.
Во еден момент Норвежани водеа и со 12:4, а на полувреме резултатот беше 16:10 во корист на фаворизираните гости. Фуриозен беше стартот на Колстад и во вториот дел, кога со низа од три гола, стигнаа до највисоки во тој момент девет гола предност (19:10).
Потоа гостите само рутински го одработија второто полувреме и на крајот стигнаа до убедлива предност. Кај Пелистер најефикасен беше Радивојевиќ со 6 гола, а Лесјек имаше девет одбрани. Крилјата на Колстад, Олберг и Годјонсон беа незапирливи и постигнаа по девет погодоци.
За Пелситер ова беше прв меч во ракометната Лига на шампиони по пауза од 18 години, а покрај поразот, атмосферата на трибините беше одлична од познатите Чкембари.
Во следното коло Еурофарм Пелистер ќе гостува во Данска кај Алборг.